Новозасадени дрвја, реквизити за деца, инклузивни лулашки, пристапни патеки и урбана опрема (клупи и корпи за отпадоци) поставени се на аголот меѓу улицата „Никола Тесла“ и булеварот „Илинден“ во населбата Карпош 2.

Целосно се уреди овој простор, кој сега има нова вредност и нуди содржини за сите граѓани. Денеска, во теренска посета на зелениот сквер беа градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев и градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.

Оваа населба имаше потреба од ваков простор, имајќи предвид дека тука живеат голем број на млади брачни парови. Богоев потсети и на другите маалски паркови кои локалната самоуправа ги направи оваа година.

– На крајот на годината секогаш ги сублимираме резултатите. А, мило ми е што и Општина Карпош ја следеше заложбата на Градот и оваа година самостојно уредивме и повеќе јавни површини. Направивме маалски парк во Карпош 1 (на ул. „Иван Аговски“), во Карпош 3 (во ООУ „Лазо Трповски“), меѓу зградите на „Московска“ и „Женевска“ во Тафталиџе, кај „воените“ кули во Долно Нерези, а во финална фаза е и уредувањето на „чаталот“ меѓу Жданец и Трнодол, посочи градоначалникот на Карпош.

Градоначалникот Шилегов истакна дека во процесот на креирање на концептот за овој парк беа вклучени и засегнатите граѓани. Преку Општината се спроведе анкета со околните жители, а се пополнуваше и анкетен онлајн прашалник за тоа како да изгледа овој јавен простор.

Општина Карпош паралелно го зголемува и зеленилото во училишните дворови и дворовите на градинките. Овие установи се лоцирани внатрешно во населбите и придонесуваат за уште поголемо зголемување на меѓублоковското зеленило (зеленилото меѓу зградите).