Поддршката за лицата со посебни потреби и подобрување на условите во кои живеат екако еден од приоритетите на Општина Карпош, беа повод денеска да се склучи  Меморандум за соработка меѓу Општина Карпош и здружението на граѓани за лица со дисфункции, хендикеп, ретки болести и посебни потреби Дајте ни крилја.

Потписниците се обврзаа да имаат заеднички проекти во насока на заштита на децата и лицата со посебни потреби, унапредување на нивниот психофизички развој, социјализација и интегрирање во сите процеси.

Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев посочи дека локалната самоуправа и претставниците на Дајте ни крилја” веќе разговарале за создавање на сензорни простории – наменски, сензорни соби за децата со посебни потреби во основните училишта низ Карпош.

 

–                    Нашата цел е целосно да ги вклучиме учениците со посебни потреби во нормалното и тековно следење на наставната програма. Овие сензорни соби ќе го олеснат престојот на учениците во училиштата бидејќи ќе бидат опремени со посебни уреди, опрема и реквизити за овие ученици, рече Богоев.

 

Претседателката на здружението, Ребека Јанковска – Ристески го истакна своето задоволство од воспоставувањето на маханизмот за соработка со Општина Карпош, со надеж за партнерство на голем број на проекти и конкретна помош и поддршка на лицата со посебни потреби.

Едно од училиштата кое ќе добие сензорна соба е  ОУ Димо Хаџи Димов”, кое е пример за образовна установа во поглед на успешната инклузија на лица со посебни потреби.

Исто така, Богоев посочи дека во еден од новите реонски базени во Карпош, ќе биде развиена и програмата за часови по терапевтско пливање.

Истакната е потребата од поголем степен на грижа и толеранција на овие лица од страна на кадарот во  воспитно – образовните установи, родителите и сите останати чинители со намера да се постигне целосна инклузија.