Едномесечната акцијата на „Елколект“ за ослободување од опасниот електронски и електричен отпад заврши успешно. Вчерашното извлекување во наградната игра, на најсреќните тројца добитници во Кинотеката на Македонија, им донесе вредни награди и тоа правосмукалка, телевизор и лаптоп.

Визијата на наградната игра „Да рециклираме и да се наградуваме“ која беше во организација на „Елколект“ и Општина Карпош беше да ги поттикне карпошани масовно да учествуваат во собирање опасен електричен и електорнски отпад со што би ја зачувале животната околина. Манифестацијата дополнително ја збогати веселиот сценски настап на основците од Општина Карпош.

„Елколект“ ја организираше оваа акција во соработка со пет општини на територија на Република Македонија, со цел, подигнување на јавната свест за потребата од собирање на опасниот отпад. Препознатливите црвени еко- магацини на „Елколект“ во Општина Карпош беа поставени на две локации, кај ООУ „Петар Поп Арсов“ и ООУ „Војдан Чернодрински“. Граѓаните кои оставија  електричен и електронски отпад до еко-магацините во својата општина, добија купон за учество во наградната игра.

Ефикасноста на оваа акција беше од огромно значење,  имајќи предвид дека електричниот и електронскиот отпад во себе има опасни материјали штетни по здравјето на човекот и непосредното животно опкружување, како и од причина што е забрането и казниво да се фрла овој тип на отпад во контејнери, на исто место  со комуналниот отпад.