ООУ „Лазо Трповски“ од Општина Карпош се закити со уште едно престижно светско признание во областа на литературата.

На заедничката средба која се одржа денеска во ООУ „Лазо Трповски“, почесниот конзул на Јапонија, Казу Лешниковска официјално му ја врачи наградата на ова училиште, освоена на Меѓународниот литературен натпревар за млади 2016 во Токио (Јапонија).  Со личните прозни творби напишани во форма на есеи, основките Александра Исајловска и Матеа Шутарова ја освоија оваа престижна награда во конкуренција на 12.937 ученици од 153 земји ширум светот.

                                                                                                         

Младите поетеси ги пишуваа своите литературни дела на тема „Да создаваме подобра иднина преку образованието“, во координација со тројцата наставници –ментори, Стефан Симовски, Соња Јовановска и Лилјана Симоновска. Личната творба напишана во форма на есеј не смееше да содржи повеќе од 700 зборови и беше напишана на еден од странските јазици што се изучуваат во училиштето (германски или англиски јазик).

 

Меѓународниот литературен натпревар кој традиционално се одржува во јапонската престолнина, е во организација на УНЕСКО и фондацијата за мир ГОИ од Токио. Реномираниот натпревар оваа година се организираше во рамки на одбележувањето на „71 години од основањето на УНЕСКО“ – проект во кој активно се вклучени сите земји-членки на УНЕСКО, како и земјите-набљудувачи.