Познатата македонска пејачка, писателка и ТВ водителка, Сузана Турунџиева, со својот соло-настап,  ноќеска ги забавуваше карпошани, како дел од шестата вечер од „Културното лето Карпош – 2017“. На сцената, таа се претстави со богат избор од македонски и светски евергрин песни.

 На нејзиниот репертоар се најдоа безвремените хитови како што се, „Dance me to the End of Love од Леонард Коен, „Que Sera, Sera“ од Дорис Деј, традиционалната Наполитанска песна „Santa Lucia“ и сл. Расположената публика, заедно со интерпретаторката Турунџиева, ги потпевнуваше веселите рефрени  на незаборавните македонски класици, „Македонијо, земјо мила“ од Никола Давидовски, „Запри срце“ од Сашка Петковска, „Молчи, молчи љубов моја“ од Верица Ристевска.

Покрај прекрасниот вокал, Сузана Турунџиева ги демонстрираше и уметничките амбиции, изложувајќи ги своите ликовни дела на платото во Т.Ц. Лептокарија. Во таканаречената „мешана“ сликарска техника, евеидентен е нејзиниот личен став во кој преовладуваат музички мотиви, со различни човечки карактери кои се наоѓаат во творечкиот фокус.

Својата писателска дејност, Турунџиева ја започнува во 2007 година, кога  излегува од печат нејзиниот прв автобиографски роман „Куфер со соништа“. До 2016 година таа пишува пет романи, вклучувајчи го и делото „Фејсбучарење“, во кое, низ една суптилна љубовна приказна, авторката ги критикува сите корисници на социјалните мрежи кои живеат паралелни измислени животи. Во март 2017та, таа го промовира прирачникот за среќа Среќометар“, кој претставува прво книжевно дело во нејзиното творештво, кое спаѓа во жанрот мотивациска литература.