МУЗИЧКА ПРОГРАМА ЗА СИТЕ ГЕНЕРАЦИИ НА КАРПОШОВОТО КУЛТУРНО ЛЕТО
- август 22, 2026
- 0
Втората вечер од 17. издание на Карпошовото културно лето, на плоштадот „Делфина“, понуди разновидна музичка програма за сите генерации.
Вечерта започна со настапот на најмладите членови на детскиот фестивал „Поточиња“, кои со своите песни внесоа посебна атмосфера и ги забавуваа најмладите посетители.
Пред присутната публика настапи и „Пензионерски хор Карпош“, кој со изведба на македонски фолклорни песни придонесе кон негување и промоција на традиционалното музичко творештво.
Музичката програма продолжи со настапот на „Тумбао Салса Бенд“, предводен од Петар Реџов, заедно со познатиот македонски музичар Сашо Гигов – Гиш. Тие пред бројната публика изведоа авторски песни и македонски музички евергрини, создавајќи енергична и позитивна атмосфера.
На втората вечер од манифестацијата присуствуваа градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, и членови на Советот на Општина Карпош, кои заедно со граѓаните уживаа во музичката програма.
Во рамки на 17. издание на Карпошовото културно лето, годинава за првпат се реализира програмата „Кино на отворено“, наменета за сите љубители на филмската уметност.
Програмата започна со проекција на филмот „Приказна за Силјан“, која се одржа во училишниот двор на ООУ „Петар Поп Арсов“.
До 27 август, секоја вечер од 20:00 часот, граѓаните ќе имаат можност секоја вечер да проследат филмски проекции на македонски филмови под отворено небо.
Карпошовото културно лето продолжува со богата програма исполнета со музика, уметност, култура и содржини за сите генерации.









