Од септември оваа година, Општина Карпош ќе започне да го спроведува проектот „Moj Карпош – Моја картичка”.

На тенискиот клуб во хотелот „Александар Палас“, денеска пред околу стотина претставници од бизнис секторот кој делува на територијата на локалната самоуправа, како и пред медиумите, се одржа промотивен настан на кој беше претставен најновиот проект на Општината  кој треба да го анимира бизнисот и да им донесе бенефит на граѓаните на Карпош.

 Станува збор за проект во кој заеднички се вклучуваат во креативна и оригинална деловна интеракција (единствена од ваков вид во Карпош, Градот Скопје и Републиката) бизнис заедницата, граѓаните и локалната власт.

 

Вкупно 230 бизниси изразија интерес да дадат попусти и бенефиции на граѓаните на Карпош, иматели на  картичката „Moj Карпош – Моја картичка во одредени денови или периоди од денот.

Главната цел е да се раздвижи економијата на локално ниво, граѓаните да купуваат и да користат услуги по пониски цени, а фирмите да имаат поголема добивка и посетеност.

Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев се осврна на новите чекори кои ги презема локалната самоуправа.

 

–                    Оваа картичка ќе биде активна од втората половина на месец септември, а ќе може да ја добијат сите граѓани на Карпош над 13 години.

Во претстојниот период ќе биде изработена и веб платформа (веб страна) за проектот, каде што дополнително ќе биде објавен регистарот на фирми  кои се вклучени во него, но и ќе се олесни комуникацијата меѓу граѓаните, бизнисите и Општината.

Се предвидува и развивање на мобилна апликација која ќе овозможи и електронско користење на картичката.

Интерактивниот пристап овозможува поголема афирмација на бизнисите и достапност на информации за граѓаните, рече Богоев.

 

Во текот на летниот период ќе бидат склучени и меморандуми за соработка меѓу Општина Карпош и сите правни субјекти кои се придружија на преоктот, со намера детално де се регулираат заемните права и обврски, но, и да се конкретизираат бенефитите што ќе ги им понудат фирмите на граѓаните.

Локалната самоуправа ќе продолжи да гради партнерски однос со малите и средни претпријатија кои се активни на територија на Карпош.

Богоев напомена дека само преку постојана комуникација, споделување на проблемите и вистинска отвореност, ќе придонесеме за подигнување на квалитетот на живеење во Карпош и зајакнување на економскиот стандард на сите граѓани.