Планска игра – симулација на седница на Советот на Општина Карпош, денеска држаа учениците од гимназијата „Никола Карев“ во Скопје. Присутните беа ученици од трета и четврта година, а симулацијата е во организација на Фондацијата Фридрих Еберт, Младински образовен форум (МОФ) и Општина Карпош, како прва општина во ддржавата во која се имплементира оваа планска игра.

 

Учениците, во буквална смисла на зборот, ја пресликаа состојбата од Советот на Општина Карпош, при што 23 ученици имаа улога на советници – претставници на политички партии.

 

На седницата присуствуваше и градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев кој на денешната седница се вклучи во дискусијата.

Дневниот ред на Планската игра (симулацијата) содржеше точки на кои „младите советници“ дебатираа за унапредување на постојните јавни зелени површини, мапирање на кучињата – скитници и организирање на кампања за зголемување на младинското учество на локално ниво.

 

Учениците – советници имаа плодна дискусија по посочените теми, споделуваа различни мислења и на практичен начин го увидоа функционирањето на Советот.

Во текот на симулацијата, произлегоа голем број на оригинални идеи и предлози кои Општината навистина ќе може да ги имплементира во реалниот живот.

 

Присутните добија убедување од градоначалникот Богоев дека Општината ќе продолжи да работи на зголемување на младинското учество и вклучување на младите во процесот на донесување одлуки. Во таа насока, оваа година, Советот на Општина Карпош иницираше и измени на Статутот на локалната самоуправа, во делот на  конституирањето на Локалниот младински совет.

 

–          Искрено се надевам дека во текот на следната година, конечно ќе го формираме ова тело. Се очекува донесување на новиот Закон за млади, врз основа на којшто ќе можеме да ги направиме и конечните измени во Статутот, рече Богоев.

 

Во неформалниот дел од оваа симулација, гимназијалците имаа можност да разменат мислења со градоначалникот Богоев за повеќе актуелни теми, но и за политичката култура во нашата држава.

 

Богоев напомена дека младите генерации мораат да донесат и нови навики и практики во политичкиот живот.
Здраво и нормално е да се има добра соработка со опозицијата, да се разгледуваат нивните предлози, и тоа  што навистина е добро и е од интерес на граѓаните , треба да се прифати без оглед на политичката позиција.

 

Впрочем, на вчерашната седница на Совет на Општина Карпош, токму сите советници постигнаа согласност за развивање на периферниот дел на Карпош и носење на новиот Детален урбанистички план за Касарна „Илинден“ (ССИ 03 Блок 4) што беше конкретен пример за она што Богоев им го сугерираше на „младите советници“.