Културата, мултикултурализмот и историјата претставуваа главни нишки за да се направи соработка меѓу основното училиште „Аврам Писевски“ од Бардовци и училиштето „Други Шумадијски Одред“, Марковац, општина Велика Плана, Србија.

Станува збор за две училишта кои се лоцирани во рурални средини, но се истакнуваат со својата креативност и проекти за здрава исхрана и заштита на животната средина.

Денеска, гостите од Србија се сретнаа со градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, при што имаа можност да се запознаат со работата на локалната самоуправа.

Богоев посочи дека, благодарејќи на иницијативноста на директорката на „Аврам Писевски“, Матилда Бајкова, ова училиште полека но сигурно го добива својот вистински сјај. Веќе функционира отворената училница – еко градина во состав на училишниот двор, а во текот на летниот распуст целосно ќе се реконструираат и тоалетите во оваа образовна установа.

– Бардовци и ова училиште во минатото беа заборавени, но денеска овој дел го развиваме. Веднаш до училиштето отворивме и     нов објект на градинка, рече Богоев.

Директорката Матилда Бајкова се осврна на соработката со училиштето „Други Шумадијски Одред“. Оваа посета на наставниците од Србија е возвратна, откако претходно нашите просветни работници беа во посета на Марковац и општината Велика Плана.

Посебно ќе работат на размена на искуства меѓу учениците и наставниците на полето на културата, мултикултурализмот и историјата, имајќи предвид дека Република Северна Македонија и Република Србија се соседни земји, со голем број на сличности и разлики.  Претставниците од двете училишта се фокусирани кон подигнување на јавната свест кај сите чинители и креирање на проекти за здрава исхрана и правилно искористување на отпадот.

Во следните два дена, гостите од Србија ќе посетат повеќе културни установи, Музејот на македонската борба, а дел од времето ќе го поминат и во Охрид.