Со поддршка на Општина Карпош, во соработка со Детскиот ликовен центар Здружението на ликовни педагози – Скопје, минатиот четврток (17.11.2016) во Кинотеката на Македонија се одржа 42-та меѓународна ликовна изложба „13 Ноември“ – 2016.

На традиционалниот уметнички настан кој е во организација на Град Скопје, беа изложени ликовните дела на децата и младите на возраст од четири до дваесет години, од девет држави: Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска, Бугарија, Чешка, Словачка и Велика Британија.

 

Во рамките на оваа изложба, на домашните претставници, како и на претставниците од земјите учеснички од странство им беа доделени наградите по категории: за најуспешни творци од градинките, основните и средни училишта, вклучително и средните уметнички училишта и уметничките факултети. Советничката за култура од Град Скопје, Наде Пешева им ги додели наградите на претставниците од странските амбасади во Република Македонија.

Од вкупно пристигнатите 4.200 дела,  меѓу 450-те ликовни творби изработени во акварелна, темперна, комбинирана и графичка техника беа изложени  и впечатливи уметнички фотографии. На манифестацијата се  доделија 230 награди по категории на возраст, како и за најуспешни колекции во различни ликовни техники.