Во увид на градежните работи  на градинката „Пролет 2“, во населбата Козле, во близина на слаткарницата „Канела“, беа градоначалникот на Општина Карпош Сотир Лукровски и министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски. Првиот човек на Карпош изрази задоволство, што со засилена динамика се гради оваа градинка во населбата Козле, која освен што ќе прерасне во модерен сместувачки објект, ќе го зголеми и капацитетот за прием на нови дечиња.

               Првиот човек на Општината, при обиколка на градежниот објект, на министерот Велковски му ги презентираше капацитетите со кои ќе располага новата модерна градинка и го информираше за динамиката на работата. Двајцата изразија задоволство, што наскоро Општина Карпош ќе добие современ сместувачко-згрижувачки објект за најмалите карпошани, според сите предвидени стандарди.

 

               Новата градинка „Пролет 2“, ќе се простира на 1.100 м2 на приземна површина, на која ќе бидат сместувачките капацитети. Од подземниот кат, вкупно 600 квадратни метри  ќе бидат наменети за паркинг, додека преостанатите ќе бидат помошни простории. На првиот кат, 1000 м2 ќе бидат предвидени за згрижувачки капацитети за дечињата, додека другите 100 м2, ќе бидат наменети за помошни простории во градинката. Општина Карпош постојано вложува средства во подобрување на инфраструктурните, просторните и воспитно-образовните капацитети на сите градинки кои се наоѓаат на нејзината  територија.

 

               Веднаш потоа, градоначалникот Сотир Лукровски во просториите на административната зграда на Општина Карпош, оствари работна средба со министерот Ѓоко Велковски, на која присуствуваа и работните тимови од двете институции. Во оваа пригода, присутните развија конструктивна дебата во насока на изнаоѓање на соодветни решенија за подобрување на условите за престој на малите карпошани во детските градинки. На состанокот се говореше и за изнаоѓање на можност за подобрување на условите за престој на повозрасните сограѓани, кои се сместени во домот за стари лица „Мајка Тереза“ во населбата Бардовци. При крај на средбата, присутните ја истакнаа важноста од меѓуинституционалната соработка која во моментов се одвива на навистина високо ниво, а сето тоа во корист на граѓаните на Карпош од сите старосни групи.