МЕЃУИНСТИТУЦИОНАЛНА СОРАБОТКА ЗА ПОРАМНОМЕРЕН И ОДРЖЛИВ РЕГИОНАЛЕН РАЗВОЈ
- ноември 24, 2026
- 0
Претставници на Општина Карпош од Секторот за локален развој денеска учествуваа на првата сесија од проектот „Регионалниот форум на заедницата“, кој се одржа во просториите на Општина Гази Баба.
Форумот е дел од проект поддржан и реализиран од Центарот за развој на скопски плански регион, Министерството за локална самоуправа и Швајцарската агенција за развој и соработка, чија цел е воспоставување платформа за соработка меѓу граѓаните, граѓанските организации, бизнис-секторот и институциите од планските региони.
Преку ваквиот пристап се овозможува заедничко креирање, разгледување и утврдување приоритети за развојни проекти што одговараат на потребите на заедницата. Посебен акцент беше ставен на поттикнувањето структурирана соработка меѓу сите релевантни чинители, со цел унапредување на одржливиот, инклузивниот и рамномерниот регионален развој. Општина Карпош континуирано работи на создавање подобри можности за локален развој, унапредување на бизнис-климата и креирање политики насочени кон младите, жените и различните категории граѓани.
Преку активна меѓуинституционална соработка и вклучување на граѓаните во процесите на одлучување, се отвора простор за нови идеи, иницијативи и проекти кои ќе придонесат за поквалитетен живот и развој на локалната заедница.
Заедничкото планирање и партнерството се важен предуслов за создавање одржливи развојни можности и подобра иднина за сите.












