Градоначалникот на Oпштина Карпош Стевчо Јакимовски во своето вчерашно интервју на 24 Анализа истакна дека Општина Карпош во континуитет се грижи за зеленилото на територијата на Општината, при што секоја година засадува нови дрва, и се грижи за цветните аранжмани долж булеварите, и тоа со сопствени финансики средства.

На тој начин, првиот човек на Општината аргументирано ги отфрли критиките и шпекулациите за зеленилото во населбата Карпош 4, напоменувајќи дека нема ниту едно дрво да биде исечено. Коментирајќи го метежот кој се создава околу Т.Ц ,, Скопје City Mall”, Јакимовски најави решение на проблемот со градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски и истакна дека со управата на трговскиот центар е договорено одреден број на паркинг места од City Mall да бидат ослободени за граѓаните кои живеат во најблиската  околина до трговскиот центар, како компензација за паркинг местата кои ги зафаќаат вработените во трговскиот центар. Тој исто така предложи дислокација на такси возилата на улицата Манапо, односно од спротивната страна на тргоскиот, со што би се растоварил сообраќајот на улицата Љубљанска.

За наредната година, градоначалникот на Општина Карпош ја истакна изградбата на  најголемата општинската зграда во Република Македонија, чие градење се одвива со динамичен интензитет. Планирана е реконструкција на градинките ,, Majски Цвет” во Тафталиџе 1 и во Тафталиџе 2,  додека градинката ” Орце Николов ” ќе добие нов покрив. Планирано е реконструкција на многу улици на територијата на Општина Карпош, најмалку петнаесетина фасади ќе бидат реконструирани на одредени згради во општина Карпош и е предвидено изградба на нов капитален објект, а тоа е нова градинка во населеното место Бардовци каде што нема таква установа. Исто така е предвидено целосна реконструкција коловозите  во населеното место Трнодол, а ќе се реконструираат и скалите во населбата Жданец. Спроти студентскиот дом ,, Гоце Делчев” e планирано изградба на нов парк со хортикултурно уредување и со голем број реквизити, сличен на оној во населбата Влае, прецизираше градоначалникот Јакимовски