Општина Карпош во соработка со Нула Отпад ДОО Скопје, овој месец ја продолжува големата акција за собирање на отпадната електрична и електронска опрема.  Преку оваа акција која е втора по ред од лани,  се помага во  отстранувањето на отпадната електрична и електронска опрема директно од домовите на граѓаните. Преку ефикасен и економски одржлив систем за собирање, селектирање, рециклирање и преработка граѓаните на Карпош ќе можат да се ослободат од непотребниот и штетен електронски отпад. Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски напомена дека изминатата акција помина одлично и дека очекува оваа да биде уште подобра.

Општина Карпош организира собирање на електричниот и електронскиот отпад и тоа од домаќинствата на граѓаните на нашата општина. Минатата година се собра ваков отпад во количина од 4,5 тона. Акцијата ќе трае цел месец и сакаме да ги опфатиме сите граѓани кои поседуваат ваков отпад. Мора да признаеме дека минатата година бевме многу задоволни од она што го постигнавме, а тоа зборува за свеста кај граѓаните кои го поседуваат ваквиот отпад за присуството на штетни честички  во него – рече Јакимовски.

Граѓаните можат да се пријавуваат во урбаните заедници, каде што ќе ги остават своите контакт податоци како и видот и количината на отпадот што го поседуваат. Согласно евидентниот лист од секоја урбана заедница, колективниот постапувач Нула отпад во договор со пријавените граѓани, ќе спроведе бесплатно подигнување на отпадот од домовите, а со помош и во соработка со работници обезбедени од Општина Карпош.