Градинката „Мајски цвет“ во Тафталиџе 2 доби целосно нов објект, со што капацитетот за сместување на деца се зголеми за дополнителни 150 m2.

Стариот објект од монтажен карактер се замени со нов, од цврста градба, и истиот е енергетски ефикасен, со можност за сместување на 95 деца.

Со него се добија деополнителни, четири простории, кои се опремени  со нови дидактички материјали  (играчки и едукативни средства изработени од еко – материјали, интерактивни ѕидови за цртање и нов мебел и опрема).

При денешната работна посета, градоначалникот Стефан Богоев и министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска посочија дека продолжуваат со унапредување на условите во предучилишното образование.

– Со ова темпо, продолжуваме и во претстојниот период, каде што во завршна фаза е опремувањето на целосно новата градинка во Бардовци, а за 2019 година предвидуваме и реконструкција на градинката „Мајски цвет“, во Тафталиџе 1.

Благодарение на поддршката од МТСП, оваа година го зголемивме и воспитниот кадар во градинките во Карпош, со цел да овозможиме квалитетна детска заштита и сеопфатно предучилишно образование, рече Богоев.  

Министерката Царовска посочи дека дидактичките материјали во оваа градинка се меѓу најсовремените и навистина објектот ги задоволува сите потребни критериуми и стандарди.

Во својата изјава, таа посочи дека заложбата на МТСП и Владата на Република Македонија е до крајот на мандатот на Владата, во нашата држава да се постигне вклученост од 50  на децата во предучилишното образование.