Подготовка на општински акционен план за користење на обновлива енергија, како и утврдување на потенцијалите на Општина Карпош за искористување на сончевата енергија, беа главни теми на разговор на средбата на градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев со Катерина Манева Митровиќ, Страхиња Младеновиќ и Матеј Брестовски од ENVIROS од Словачка.

Градоначалникот Богоев и раководителот на Одделението за енергетска ефикасност, Љупчо Димов говореа за политиките кои Карпош ги презема во делот на искористување на обновливите извори на енергија. Локалната самоуправа е во постапка за поставување на хибридни колектори на новата градинка во Бардовци „Виножито“, а од 2021 година целото јавно осветлување ќе биде енергетски – ефикасно.

Тимот на ENVIROS е во неколкудневна посета на Карпош за подготовка на „Општински акционен план за обновлива енергија“, проект поддржан од UNDP, ENVIROS и словачкиот челинџ фонд. Преку теренски посети на општинските објекти (урбани заедници, градинки и училишта) ќе сe утврдат погодни локации за користење на сончевата енергија.

Богоев напомена и дека локалната самоуправа, во соработка со Машински факултет и фондацијата „Фридрих Еберт“ веќе изработи студија, која ги промовира енергетските задруги како можност на повеќе чинители, граѓани и заедници на сопственици да се здружат и да произведуваат енергија.

  • Сепак, неопходна е промена на законската регулатива, за да се стимулира целата заедница да биде дел од овој процес, а не само поголемите компаниии, рече Богоев.

Проектниот тим го истакна проактивниот пристап на Општина Карпош во процесот на апликацирање на проекти и користење на средства од европски фондови,  но и од донаторската заедница во целина. На овој начин се мотивираат и други општини, и институции да го следат позитивниот пристап.