Вчеравечер,  граѓаните на  урбаните заедници „ Кузман Јосифовски- Питу“ и „ Пецо Божиновски – Кочо“ имаа  маалска средба со претседателот на Советот на Општина Карпош Андреј Манолев, членот на Советот Зејнел – Савко Куч,  претставници од Полициската станица „ Карпош“  и претставници од општинската администрација. Тема на средбата, која се одржа веднаш до  ООУ „ Владо Тасевски“ и градинката „ Пролет“, беше  зголемување на безбедноста  во овој дел од  Општината. Како што нагласи и претседателот на Советот Андреј  Манолев, еден од најголемите приоритети на градоначалникот Стефан Богоев и  целото раководство на локалната самоуправа е  токму безбедноста на карпошани.

 

          -Знам   дека во  близина се наоѓа улицата „Козле“ која е доста прометна сообраќајница, и по која се вози брзо.   Помеѓу „Трговскиот“ во населбата Козле и бензиската станица „ Макпетрол“  поставивме хоризонтална сигнализација –  платформа  со која се забавува    брзината на  возилата  кои  сообраќаат токму по оваа улица  која го поврзува населеното место Нерези со Општина Центар. Всушност целта ни е, максимално да се зголеми безбедноста на основците од ООУ „ Владо Тасевски “ и дечињата од градинката „ Пролет“, кои учат во овие образовни установи и секојдневно ја поминуваат оваа сообраќајница.   Од друга страна, на ул. Теодосиј Гологанов  ( поранешна Иво Рибар – Лола), оваа година е за повеќе од 100 % , зголемена патролата на полицијата, и се изречени санкции. Нашата интенција е да ги превенираме несаканите настани, со акции преку кои ќе ја зголемуваме безбедноста на граѓаните, нагласи претседателот на Советот на Општина Карпош Андреј Манолев.

 

Претставникот на полицијата потенцираше дека оваа година се примени нововработени полицајци во П.С „ Карпош“, со што се зајакнуваат капацитетите на полицијата, и ќе се работи на зголемување на безбедноста на граѓаните од секој можен аспект. Исто така, од П.С „ Карпош“ нагласија дека треба да се работи на меѓуинституционална соработка помеѓу сите засегнати страни, и дека треба да се работи на подигнување на свеста кај граѓаните за одговорно и совесно возење.   Карпошани,  од двете урбани заедници кои ја покриваат територијата на населбите Козле, Трнодол и  Жданец, ги изнесуваа своите проблеми со кои се соочуваат од аспект на безбедноста, дискутираа по темата и даваа свои сугестии и предлози за решавање.