На големата сцена на Македонската опера и балет, вчеравечер, по втор пат се одржа големото училишно шоу “10-ка за Карпош – Наставниците на сцена”, со што се заокружи учебната 2017/2018 година. Во преполната сала, присутните уживаа во музичките и драмските перформанси на учениците, родителите и наставниците од сите десет основни училишта во Карпош. На големата сцена исполнета со блескава кореографија, учесниците  ја покажаа својата креативност и енергија која е плод на континуираната работа низ изминатите месеци. Доминираа музички точки од популарни мјузикли, евровизиски хитови, од актуелните македонски и странски изведувачи.

На овој мултимедијален настан присуствуваше и градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, претседателот на Советот, Андреј Манолев и советници од Советот на локалната самоуправа.

Првото место го освоија изведувачите од ООУ „Вера Циривири – Трена”, кои ја интерпретираа популарната Careless Whisper од Џорџ Мајкл, второто место беше доделено на ООУ „Владо Тасевски” кои играа на точка од култниот мјузикл „Брилијантин”, а третото место им припадна на ООУ „Димо Хаџи – Димов” со перформанс од мјузиклот „Мама Миа”.

Градоначалникот Богоев упати искрени честитки до добитниците на наградите, а ги додели и пофалниците на првенците на генерација од десетте основни училишта.

–     Длабок поклон пред сите Вас, за големата посветеност и работа. Покажавте дека можете да направите спој меѓу учењето и дружењето, креативноста и работата. Општина Карпош е горда на сите Вас, рече Богоев.

Проектот “10-ка за Карпош” е поддржан од Советот на Општина Карпош, кој се одвиваше во неколку фази: најуспешен проект, најдобра сторија, најубаво уреден училишен двор и наставниците на сцена. Примарната цел на овој проект е да се зацврсти соработката меѓу учениците, наставниците и родителите од сите основни училишта во Карпош.