Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски денеска беше во работна обиколка на новите занимални кои се очекува веќе наредниот месец да бидат пуштени во употреба, во рамки на детската градинка „Орце Николов“ во населбата Карпош 3.  Новопроектираниот објект го посетија и косовската делегација од тамошното Министерство за образование, Министерство за финансии, Светска банка во Косово, како и претставници од Државниот универзитет во Косово. Во увид на новиот објект беше и делегацијата од Светска банка во Северна Македонија, предводена од вишиот специјалист за образование, Бојана Нацева.

Целта на денешната посета беше пренесување на позитивните практики од Македонија, како модел за подобрување на условите на децата од предучилишна возраст кои се згрижени во градинките во Косово. Во таа насока, косовската делегација претстојува во дводневна посета на нашата земја, во вид на студиската визита преку размена на учење од полето на раната детска едукација и грижата.

Имено, новите занимални кои наскоро ќе функционираат во рамки на градинката „Орце Николов“, претставуваат повеќенеменски простор каде дополнително ќе бидат згрижени околу 100 дечиња на возраст од четири до шест години. Насоките за проектирање на овој објект ги даде словенечкиот архитект Јуре Котник кој е ангажиран како консултант на Светска банка, и според него овој простор претставува своевиден нов концепт за развој и стимулација на моториката кај децата.

Инаку, локалната самоуправа за изградба на новиот објект користи грант  во висина од 28 милиони денари преку Министерството за труд и социјална политика (МТСП), кој пак го доделува Светска банка преку „Проект за подобрување на социјалните услуги“.

 

  • Би сакал јавно да ја истакнам нашата благодарност до Светска банка и до Владата на РСМ, бидејќи ни помогнаа да го прошириме капацитетот за прием на нови дечиња во оваа предучилишна установа. Објектот е целосно енергетски ефикасен и претставува асеизмичка градба, а воедно е конципиран како современ простор за сместување на најмладите карпошани. Она што можеме да го ветиме како локална самоуправа е дека ќе продолжиме со сопствени средства да доградуваме и изградуваме нови градинки на наша територија – посочи Јакимовски.