Во присуство на градоначалникот Стевчо Јакимовски и претставници на општинската администрација, денеска во Кинотеката на СМ се одржа првата седница на Советот на општина Карпош. Седницата од конститутивен карактер, ја отвори најстариот член на Советот, д-р Добрила Андоновска, која им го честита мандатот на советниците и им посака успешна работа.

 

По кусо заседавање, Комисијата за прашања на верификација, мандатни прашања, избори и именувања, службено го потврди мандатот за избор на Претседател на Советот на општина Карпош, на советникот од партијата Левица, Бранко Ристов. Во таа насока, новоизбраниот Претседател го презеде раководењето на седницата, во чии рамки се разгледуваа останатите точки од дневниот ред.

 

Во динамична атмосфера, советниците избраа претседатели и членови на 11 комисии,  кои во претстојниот четиригодишен мандат ќе расправаат за теми поврзани со непреченото функционирање на локалната самоуправа. Овие работни тела на Советот, ќе одлучуваат за прашања од областа на екологијата и енергетската ефикасност, локалниот економски развој, урбанистичкото планирање и комунални работи, за јавни дејности, култура, спорт и прописи, како и за заштита на историските споменици, спомен обележјата и за еднаквите можности на жените и мажите.

 

Во оваа пригода, првиот човек на Општината, Стевчо Јакимовски им предложи на советниците да размислат и да достават конкретни предлози или пак проекти, кои сметаат дека би требало да се реализираат во претстојниот период, а се во интерес на граѓаните. Во насока на кооперативноста и соработката, Јакимовски ги повика советниците да присуствуваат на јавната презентација на планерските куќи, кои во моментов изработуваат урбанистички планови за општина Карпош. Презентацијата ќе се одржи наредниот викенд во салата за проекции, во рамки на Кинотеката на СМ.