Општина Карпош донесе одлука за прекинување на договорите за вработување на двајцата привремено ангажирани службеници, кои беа дел од вчерашниот немил настан. Тие ги повредија сите етички стандарди и норми за професионално и одговорно работење и однесување.

 

Веднаш по немилиот настан, кој се случи надвор од седиштето на општината, локалната самоуправа ја контактираше полицијата и итната медицинска помош, со цел да бидат навремено преземени сите неопходни дејствија. Ова е констатирано и во записникот на полициските службеници.

Општина Карпош во ниту еден момент нема да толерира неодговорност и непрофесионалност и ова јасно и недвосмислено го  покажавме со брзата одлука за одговорност на општинските службеници.

 

Свесни сме дека ваквиот тип на вести и информации се привлечни за пошироката јавност, но нема да дозволиме ниски квалификации за дневно политички поени,  како и навреди и лаги да го урнат угледот на институцијата.

 

Кога станува збор за одговорноста и професионалноста на општинската администрација најдобро говорат домашните и меѓународните организации и институции. Општина Карпош е прогласена за најтранспарентна институција во Македонија, по Извештајот на Центарот за граѓански комуникации – истражување поддржано и од УСАИД. Исто така, Државниот завод за ревизија, во неодамнешниот извештај констатираше дека Карпош испорачува најквалитетни услуги за граѓаните преку својата веб – страна.

 

Несоодветното однесување на поединци, кои веќе не се дел од администрацијата, не може и не смее да го загрози угледот на општината, која изминативе четири години е пример за транспарентна и респонзивна институција. Впрочем, професионалноста се покажува и кога треба да се поведе постапка против оние кои згрешиле во рамки на институцијата. Карпош тоа го стори. Затоа што нема друга алтернатива, освен одговорно и професионално работење и однесување.