Во пресрет на 3. декември, Меѓународен ден на лицата со посебни потреби, градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев денеска, во својот кабинет разговараше со претставници од здруженијата „Трисомија 21”, „Раст”, „Енигма” и здружението „Церебрална парализа”. 

Примарна цел на овие здруженија е подобрување на условите во кои се образуваат и претстојуваат лицата со посебни потреби. На работната средба се говореше за подобрување на соработката меѓу Општина Карпош, градинките и основните училишта на нејзина територија, со сите здруженија посветени на оваа проблематика.

 

Низ заеднички дијалог, градоначалникот Богоев се обврза дека Општина Карпош значително ќе работи на подобрување на статусот и условите на лицата со посебни потреби. Од тука, како конкретни чекори кои дополнително се преземаат е вклучување и присуство на седниците на Советот на сите засегнати страни (за прашања од областа на социјалната заштита и инклузија), како и овозможување на поголема соработка со Одделението за детска, социјална и здравствена заштита, кое функционира во рамки на локалната самоуправа.

 

Во претстојниот период, Општина Карпош заедно со граѓанските организации ќе работат на подготовка на Регистар за лица со посебни потреби, кои живеат на територија на Карпош. На состанокот се разгледуваше и можноста за отворање на Дневен центар за лица со посебни потреби, во состав на Општината, кој ќе биде место за дополнителна социјализација и работа со лицата со попреченост.

 

 

–                    Потребни ни се целосни и точни податоци за бројот на деца и возрасни лица со посебни потреби во Карпош, за да можеме и системски да ги решаваме проблемите. Токму затоа, наша заложбата е да се грижиме за овие наши сограѓани 365  дена, а не само еден ден во годината –  потенцираше Богоев.

 

Претстојниот Ден на лицата со посебни потреби (3. декември), ќе се одбележи под мотото  „Трансформација кон одржливо и еластично општество за сите”.  Важна е потребата од сеопфатна социјална инклузија, и пред се, јакнење на јавната свест за прифаќање на лицата со посебни потреби.

 

Уште во предучилишното образование, во градинките, а потоа и во училиштата треба да се работи на прифаќање на различностите. За жал, и во образовните установи сеуште постојат пречки за целосно интегрирање на децата со посебни потреби. Бариерите се однесуваат на отежната комуникација, меѓу ученик – наставник – родител, како и во немањето основни услови за престој и едукација на овие лица.

 

Општина Карпош, традиционално, продолжува со доделувањето на еднократна парична помош за лицата со попреченост. Во понеделник, во 12:00 часот, во спортската сала на ООУ Лазо Трповски” градоначалникот Стефан Богоев и советниците од Општина Карпош, ќе се сретнат со повеќе од сто граѓани, лица со посебни потреби кои живеат во оваа локална заедница.