Започнувајќи од денеска понеделник (21.03.2022), Општина Карпош ја спроведе акцијата за субвенционирање до 30% од цената за купување на нов велосипед, но најмногу до 3.000 денари, како и 30% од цената за купување на нов електричен тротинет, односно најмногу до 5.000 денари.

Право на аплицирање за субвенциите имаат сите полнолетни жители на општина Карпош, кои ќе купат нов велосипед или електричен тротинет започнувајќи од 21.03.2022 година.

Притоа, жителите на Карпош кои веќе оствариле право на субвенција за оваа намена или пак добиле средства од Град Скопје за тековната година, немаат право да учествуваат по јавниот оглас.

Апликантите за субвенции треба да ги приложат следниве документи:

  • Барање за субвенција за купување на нов велосипед или електрични тротинети, на следниов линк
  • Изјава за согласност за обработка на лични податоци, на следниов линк 
  • Лична карта (фотокопија),
  • Трансакциска сметка (фотокопија),
  • Фискална сметка за купен велосипед или електричен тротинет, кој е купен не порано од 21.03.2022 година (понеделник).

 

Барањата со комплетната документација се доставуваат (физички) до архивата на Општина Карпош или пак, по електронски пат преку мобилната апликација М-заедница (достапна за IOS и Android), како и на веб страницата mzaednica.mk при што е потребно секој од горенаведените документи да биде скениран и прикачен  на соодветното место.

По поднесувањето на документите, подносителите во писмена форма ќе бидат известени дали ќе бидат корисници на предвидените средства за субвенција за купување на нов велосипед и електричен тротинет. Оваа акција ќе трае до исцрпување на предвидените финансиски средства, а ќе важи принципот “прв дојден, прв услужен“.

Правото на субвенција е еднократно.

За дополнителни информации, граѓаните ќе можат да се обратат кај координаторот на проектот, Марко Петрушевски, преку контакт телефонот: 078 486 063.