Во просториите на локалната самоуправа, започна процесот на оценување на Европската награда за енергетика (ееа), на капацитетите на Општина Карпош од областа на енергетската ефикасност и обновливите извори на енергија. По тој повод, денеска се одржа работна средба на која присуствуваа стручните лица од Општината, потоа, претставници од Здружението за хумано домување – „Хабитат Македонија“ како и меѓународниот ееа консултант, Кристина Бирман. Притоа, работната група ќе ја оценува Општина Карпош по шест главни поглавја, од кои денеска ќе се оценуваат две области – развој и просторно планирање, како и внатрешната организација. Процесот на оценување на останатите четири поглавја, треба да се одвива во наредните три месеци.

Инаку, Општина Карпош и невладината „Хабитат“ се партнери во проектот „EXCITE“, во рамки на програмата на ЕУ „Horizon 2020“, за финансирање на истражување и иновации од 2014 до 2020 година, со буџет од речиси 80 милијарди евра. Цел на проектот „EXCITE“ е директно да ги подобри климатските акциски планови во 25 општини ширум Европа и дополнително да влијае, најмалку врз 100 други општини и нивните акциски планови за одржлива енергија и климатски услови (SECAP). Со самиот проект се предвидува примена на методологијата European Energy Award(ееа). Во нашата држава, проектот се спроведува само во трите општини, Карпош, Кочани и Кичево, вклучувајќи ги локалните власти како клучни засегнати страни.

Акциските планови  за одржлива енергија и климатски услови (SECAP), се продолжение на заложбите на иницијативата, Спогодба на градоначалници од 2008 година. Со вклучувањето на климатските промени во агендата на оваа иницијатива, се предлага изработка на планови кои содржат активности за намалување на емисијата на CO2 за 40% до 2030 година. Овие акциски планови се прилагодени на локалниот контекст (географски, демографски и прашања поврзани со енергетската ефикасност) и содржат јасни одредници за намалување на емисијата на CO2, во смисла на цели, активности, индикатори и распределба на одговорности.