Советниците од Карпош ја поддржаа Предлог – програмата за изградба на  затворен базен за пливање, кој ќе биде лоциран во состав на спортскиот комплекс „Партизан“, во населбата Карпош 4. Проектот кој го изработија планерите од „Билд Урбан“ – Скопје  предвидува базенот да зафаќа површина од 641 м2, кој пак ќе се наоѓа во непосредна близина на објектот за спорт и рекреација, со површина од 1.617 м2. Комплексот ќе содржи и игралиште од 461 м2, поплочени површини од 1.742 м2, а целиот простор ќе се протега на уредено зеленило од 4.151 м2. Теренот е прилагоден да овозможи и пристап за лица со попреченост, а проектот ќе го финансира Агенцијата за млади и спорт.

 

Во рамки на денешната 55. седница, советниците ја прифатија донацијата од „СЦМ Ретаил“ – Скопје во вредност од 31.535.000 денари, со која се планира изградба на Зелена зона – урбан јавен простор пред трговскиот центар „Скопје Сити Мол“. Јавниот парк кој ќе се простира на површина од околу 865 м2, подразбира хортикултурно уредување, засадување на тревни површини и разни насади, поставување клупи, елементи на детско игралиште и урбана опрема.

 

Поттикнати од стратегијата на општина Карпош за развој на своите периферни делови, советниците го изгласаа и Деталниот урбанистички план за Градска четврт ССИ 03, блок ССИ 03.02 (кај касарната „Илинден). Конкретниот ДУП опфаќа површина од 34,831 хектари, и е дефиниран на Север помеѓу магистралната улица „Словенија“, на Исток се движи по осовината на новопланираните сервисни улици „1804“ и „1811“. На Југ и Запад се протега низ транзитниот булевар „Никола Карев“.

Со планот, опфатот е конципиран во една целина со вкупно 34 парцели со намена за домување и трговски единици, хотелски комплекс, се предвидува изградба на основно и средно училиште, како и детска градинка, објект на МВР и станица за технички преглед на возила. Исто така, планот предвидува простор за парковско зеленило (Д1) и заштитно зеленило (Д2).

 

Советниците дадоа „зелено светло“ и на иницијативата на општина Карпош да објави јавен повик за избор на најдобро уреден ЕКО-училишен двор на основните училишта  на своја територија. Локалната самоуправа ќе ги награди најкреативните училишни еко-катчиња со парична награда од 50.000 денари за прво место, односно со 30.000 денари за второ и 20.000 денари за трето место.

 

Членовите на советот, дадоа согласност за започнување на постапка за давање под закуп на дел од Адреналинскиot парк-Карпош (High rope). Локалната самоуправа се одлучи на овој чекор, од аспект на покривање на трошоците за одржување на адреналинскиот дел од паркот, (годишна цена на амортизација, материјали за одржување и опрема, меѓународна инспекција, осигурување на карти, лични приходи за вработените и сл.). Во овој случај, правните лица кои се заинтересирани да го закупат (High rope) делот, треба да бидат регистрирани за соодветната дејност, што подразбира дека тие се одговорни за примена на безбедносните протоколи, кои ќе ги спроведат стручни лица кои ја поседуваат лиценцата EN 15567-2.

Тоа значи дека, останатиот дел од паркот во чии рамки влегуваат двете игралишта на песок, скејт паркот, скверот и детското игралиште ќе бидат бесплатни за користење.

 

Во насока на стимулирање на просветните работници, општина Карпош ќе објави јавен повик, за избор на најдобар наставник и стручен соработник од основните училишта на своја територија. Постапката ќе ја спроведе комисија формирана од пет членови на Советот од општина Карпош. Потоа, комисијата за својата работа ќе изготви извештај кој ќе го достави до градоначалникот на општина Карпош. Врз основа на тој извештај, локалната самоуправа ќе исплати три парични награди во вредност од 10.000 денари, за најдобриот одделенски наставник, за најдобриот предметен наставник, како и за најдобриот стручен соработник.

 

Со истата динамика, советниците ја поддржаа и одлуката за воспоставување на меѓуопштинска соработка помеѓу Град Скопје и општините Карпош, Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Сарај, Центар, Чаир и Шуто Оризари. Станува збор за утврдување на начинот, условите, и финансиското учество при имплементирање на системот за паметно осветлување, со кое треба да се реализира проектот за дигитален град „Смарт-сити“. Платформата подразбира поставување на т.н  „паметно осветлување“ на јавни површини, паркови, плоштади, основни и средни училишта, културни и јавни институции.

 

Со одлука на Советот на општина Карпош, локалната самоуправа ќе им отстапи на користење два мотоцикли на полициската станица од Карпош. Со цел, навремено и поефикасно извршување на работните задачи, полициската станица ќе ги користи превозните средства за своја потреба, по што се обврзува истите да ги врати по изминување на период од две години.