Општина Карпош и градоначалникот Стевчо Јакимовски изразуваат сериозна загриженост поради последните показатели за енормно загадување на воздухот на територијата на локалната самоуправа кои се регистрирани од мерната станица во ООУ „Петар Поп Арсов“ која е поставена токму со помош на локалната власт. Проблемот со загадувањето во Карпош, вели првиот човек на Општината, не засегнува сите кои сме жители на оваа општина и заеднички преземаме максимум што е во нашите законски можности.

                        Локалната власт, во континуитет презема максимални мерки за лоцирање и елиминирање на потенцијалните загадувачи, во рамки на своите надлежности. За таа цел, во континуитет, наназад неколку месеци, врши контроли на сите потенцијални загадувачи, автомеханичарски работилници, вулканизери, автоперални, угостителски објекти, сендвичари и сл.

                        Според наодите на локалниот инспектор за животна средина, кој контролираше окоу 50 правни субјекти, констатирано е дека повеќето, речиси 90%  од потенцијалните мали загадувачи, се грејат на електрична енергија или со пелети, што значи дека не влијаат врз загадувањето, а оние кои користат цврсти горива за својата дејност имаат поставено соодветни филтри. Само во два случаи се констатирани неправилности, односно е констатирани дека се греат со различен вид отпад (пластика и сл.) и овие случаи се проследени до Државниот инспекторат да преземаат соодветни законски мерки.

Според показателите на Министерството за животна средина 30% од загадувачите се индивидуалните домаќинства, поради начинот на греење со цврсти и течни горива, но, за нив Општината , освен со судски налог, нема ингеренции да направи увид и да ја констатира фактичката состојба.

 Големите капацитети на територијата на Општината, како што се Топлификација, болниците „8 Септември“, „Филип Втори“, „Систина“ работат и се загреваат на природен гас, и не се потенцијални загадувачи.

 Според наодите на овластениот инспектор за животна средина во Општина Карпош  Гордана Максимовска, останува нерешен проблемот околу преголемата фреквенција на возилата  кои циркулираат по главните сообраќајни аорти  кои минат низ Карпош, а тоа се булеварите Партизански одреди, Илинден и Теодосиј Гологанов кои главно водат кон големите трговски молови, спортски сали , хотели, како и кон и други дестинации на територијата на локалната самоуправа.

                        Оттаму, Општина Карпош апелира до централните власти и надлежните државни институции час поскоро да преземат најконкретни чекори против загадувањето со сите  дозволени законски мерки, ограничување во сообраќајот, лоцирањето на вистинските загадувачи во градот и околината, со цел да се намали степенот на загаденост и во Карпош, но и во градот и другите градови низ државата.