Општина Карпош, во Новата 2019 година ќе стартува со буџет од околу 911 милиони денари, или приближно 14,8 милиони евра, што во споредба со последниот ребалансиран е „покус“ за 477,6 милиони денари или 7,7 милиони евра. Сепак, советниците на Општина Карпош беа едногласни дека тој е скроен во „реални рамки“.

Инаку, ваквата рационализација на буџетот дојде по дополнувањето на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа кој го изготви Министерството за финансии со кој на единиците на локалната самоуправа им се стави ограничување  на зголемување на буџетите најмногу до 10% од просечно остварените приходи во последните три години.

И покрај тоа што во следната година стартуваме со „штедлив“ основен буџет, според зборовите на градоначалникот Стефан Богоев, вратите за капитални инвестиции во општината не се затворени, туку напротив, општинската администрација ќе работи и веќе работи на подготовка на проекти за улици  и патишта, за изградба на фекална и атмосферска канализација, кои очекуваме, во целост да се финансиратт од Владата на Република Македонија.

Ова беа главните теми на денешната, седумнаесетта по ред, седница на Советот на општина Карпош на која добија „виза“ и Предлог- програмите за урбанистичкото планирање за 2018 година, како и предлог-програмата за активностите на Општина Карпош во областа на екологија и енергетска ефикасност, за активностите на локалната самоуправа во областа на развојот на општината, за уредување на градежното земјиште на подрачјето, за изградба, редовно и инвестиционо одржување на сервисни, станбени улици и локални патишта на подрачјето на Општина Карпош, како и активностите на локалната самоуправа во областа на културата, во областа на спортот, детската, социјалната и здравствената заштита, како и во областа на образованието за 2019 година.

Советниците исто така ја одобрија и предлог-програмата за одбележување на 43-годишнината на Општина Карпош, и го усвоија предвидениот буџет за идната 2019 година.  На оваа седница се усвои и програмата за активностите на Општина Карпош во областа на негување и чување на традициите на македонскиот народ и македонската држава и заштита на историските споменици и спомен-обележја за 2019 година.

На денешната седница се усвои и предлог-мислењето на Програмата за изменување и дополнување на програмата за изведување на ученички екскузрзии и други ученички активности, во ООУ „ Вера Циривири-Трена“ ,   „ Владо Тасевски“, како и во „ Петар Поп-Арсов“.  Советниците исто така ја усвоија и предлог –одлуката за формирање на општински Совет за превенција на детско претстапништво во Општина Карпош.

На предлог на градоначалникот за заслужен граѓанин за идната година е изгласан Бранко Огњановски, кој освен што е долгогодини граѓанин на Карпош е еден од најафирмираните сатирчари кај нас.