Општина Карпош врши дезинфекција и дезинсекција на сите десет основни училишта и градинки на своја територија. Во пресрет на почетокот на новата учебна година, службите ги дезинфицираат сите училници, занимални, холови, тоалети, канцеларии, кујни и други заеднички простории во воспитно – образовните установи.

 

Станува збор за редовна активност, која локалната самоуправа ја прави неколку пати во текот на годината, со цел да се зголеми хигиената во сите училишта и градинки.

 

Исто така, општината набави и училишен прибор за сите ученици запишани во прво одделение. Во тек е и постапката за опремување на училишните библиотеки со ИТ уреди – таблети, кои ќе бидат поддршка за учениците во текот на наставата.

 

Од септември, учебната година во основните училишта ќе започне со физичко присуство, а наставата ќе се спроведува по утврдените протоколи од Владата и Главниот координативен кризен штаб.