Баш ни е драго што СДСМ се јавува после зимските одмори од Банско и Копаоник. За разлика од нив градоначалникот Стевчо Јакимовски и општинските служби се постојано на терен. Повторно денес се фабрикуваат невистини околу наводната негрижа и неисчистените улици.

Се разбира директно испровоцирани токму од фактот што во Карпош од паѓањето на првиот снег, во контунуитет се работи со максимален ангажман на зимските служби кои ги најми Општината.

Две тешки и едно помало возило се постојано на терен во расчистување на снегот и мразот од улиците кои се во надлежност на локалната самоуправа. Така, во изминатите 20-тина дена, на критичните точки како што се Горно Нерези, кај комплексот „Македонско село“, улиците Прашка, Варшавска, Ловќенска 1, 4, 5, 7, и 9, Леринска, Илија Плавев и Јуриј Гагарин, Разловечко востание, Никола Русински, Букурешка, како и населбите Трнодол и Жданец, во Тафталиџе 2: улиците Осло, Будимпештанска, Софиска и Женевска, во Влае: Есперанто, Франце Прешерн, Иван Цанкар, се чистат постојано, а во Карпош 3 и Карпош 4 сол и ризла се фрлаше на најпрометните собирни улици Карпошово Востание и Волгоградска, а се истураше сол и ризла и се расчистуваше патот за населеното место Бардовци со надвозникот. Денес вонредно е интервенирано и околу пристапот на душевната болница во Бардовци.
Досега, низ сообраќајниците на Карпош се фрлаени 320 тони сол и 12 кубни метри камена ризла помешана со сол.
Општина Карпош одговорно тврди дека сите главни улици се чисти во континуитет. Станбените , малите улици, не се и не може да бидат исчистени бидејќи има паркирано возила на коловозите и на тротоарот. Досега имаме три случаи на оштетено приватно возило. Последниот случај е од вчера, на улицата Девол во Жданец, кое е оштетено од малото возило за расчистување на снег. Со вакви инциденти специјалните возила остануваат неподвижни и вон употреба дополнително уште по 4-5 саати чекајќи ја увидната служба. За жал граѓаните и покрај постојано објавениот апел да ги тргнат возилата од коловозите и тотоарите, не си ја исполнуваат својата граѓанска должност и затоа истите остануваат неисчистени.
Инаку, до каде оди лицемерноста на СДСМ говори фактот дека иста фирма „Анизор“ е ангажирана за расчистување на снегот и мразот и во Општина Центар, со ист број на возила, две големи и едно мало. Зошто господата од СДСМ не кажат дали во Центар е идеално расчистено или упорно Карпош им „боде“ очи, токму поради сериозното работење наспроти Центар?