Европскиот форум Скопје 2018, во организација на Lions Club International, за прв пат се одржува во Скопје, Република Македонија, од 25 – ти до 27 – ми октомври.

На панелот „Скопје: 55 години Град на солидарноста и родно место на Мајка Тереза“, во Главната сала на Македонската филхармонија, се обрати и градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев.

Богоев говореше за особеностите на главниот град, белезите по кои Скопје се разликува од другите метрополи, ставајќи акцент на солидарноста како клучна вредност.

 

–         Скопје и денеска не заборава на солидарноста! Нашите општини, нашиот град подаде рака за поплавените во Босна и Херцеговина и Србија, како и за неодамна настанатите пожари во Грција, на островот Атика.

Хуманоста и солидарноста не познаваат граници! Напротив, токму овие вредности и историски гледано срушиле многу бариери меѓу различни народи. Затоа што на крајот од денот, секој е човек, а искрено подадената рака не познава раса, националност или вера, говореше Богоев.

Тој се осврна и на развојот на Скопје, катастрофалниот земјотрес во 1963 година кој е причина за повторна обнова на Градот и негов развој во духот на модерното и современото.

На задоволство на присутните претставници, од 46 држави во светот, градоначалнкот Богоев посочи дека Општина Карпош е во процес на формирање на Lions Club – Карпош, со што вредностите на оваа глобална мрежа ќе се споделат и на локално ниво.

Општина Карпош е симбол на солидарноста. Токму во нашата Општина постојат голем број на улици именувани по светските метрополи, кои донирале за Карпош и Скопје. „Римска“, „Букурешка“, „Атинска“, „Хелсинки“, „Осло“ се само дел од улиците кои не потсетуваат на светската солидарност и хуманост.