Вчеравечер, во ресторанот ,, Фурна“, се одржа свеченото  доделување на  пехарите на победничките екипи на првите синдикални  (административни) игри, кои се одржаа неделава во Општина Карпош. Севкупен победник во овие административни игри е Општина Карпош со освоени 20 бодови, потоа Градот Скопје со 19 бодови, следуваат општините Кисела Вода и Аеродром со освоени  7, односно 4 бодови.

 

По повод  40 годишнината   од основањето на локалната самоуправа, Општина Карпош организираше тридневни спортски игри, на кои учествуваа административците од општините Аеродром, Кисела Вода, Градот Скопје како и домаќинот Општина Карпош.  Административците се натпреваруваа во повеќе спортски  дисциплини во машка и женска категорија.  Карпошовите административци победија во фудбал и баскет (мажи). Во пинг – понг натпреварувањето административките од Градот Скопје го ,, подигнаа“ пехарот, додека „пингпонгарите“ од Аеродром го освоија првото место во оваа спортска дисциплина. Најуспешни во пикадо натпреварот беа административките од  Општина Кисела Вода, додека ,,тенисерките“ од Општина Карпош го освоија првото место.

 

Во оваа пригода, првиот човек на Општината, Стевчо Јакимовски свечено ги  додели пехарите на победничките екипи, истакнувајќи дека Општина Карпош е препознатлива локална самоуправа, токму по тоа што вложува средства во промоција и развој на спортот.

 

–                    Од мое лично име и од името на претседателот на Советот на Општина Карпош Сашо Лазаровски, сакам да ви се заблагодарам за учеството и освоените пехари на првите синдикални (административни) спортски игри. Се надевам дека ова натпреварување ќе прерасне во своевидна традиција, и на тој начин ќе го поттикнеме дружењето меѓу административците од скопските општини  – додаде  општинскиот татко, Стевчо Јакимовски.