КАРПОШ ПРОГЛАСЕН ЗА НАЈТРАНСПАРЕНТНА СКОПСКА ОПШТИНА
- септември 10, 2026
- 0
Општина Карпош со 64% е нотирана како најтранспарентна општина на територија на град Скопје, според најновите истражувања за процена на доброто владеење во единиците на локалната самоуправа (ЕЛС) за 2026 година, кое го спроведе Фондацијата „Метаморфозис“ во партнерство со Рурална коалиција. Истражувањето, или поточно, мерењето на Индексот на отвореност беше спроведено од 1 февруари до 30 јуни 2026 година, каде беа опфатени сите 80 општини во Македонија, како и Градот Скопје.
На ниво на Македонија пак, од вкупно 81 (ЕЛС), Општина Карпош котира на високото шесто место. Според ова истражување, Општина Крива Паланка со 73% е најотворена локална самоуправа во државава. Веднаш по неа со 69% се наоѓа Општина Берово, на третото место е рангирана Демир Хисар со 68%, а со 67% на четвртата позиција се наоѓаат Кочани, Битола и Делчево. Општина Велес со 65% се наоѓа на петтата позиција.
Овој извештај нуди детална анализа на работата на единиците на локална самоуправа во Македонија, во однос на начелата на транспарентност, свесност, пристапност и интегритет, со заеднички домен кој е присутен во сите четири начела, а тоа се отворените податоци.
Суштината на доброто владеење на локално ниво е подобрување на квалитетот на животот на граѓаните, преку ефективно и транспарентно управување. Отвореноста и транспарентноста на локалната власт се важен предуслов за одговорно управување, доверба во институциите и создавање услови за активно учество на граѓаните во процесите на носење одлуки. Достапноста на информациите за работата на општините, проактивното објавување податоци и воспоставувањето функционални механизми за консултирање и вклучување на граѓаните се клучни елементи на отворена и отчетна локална самоуправа. Тоа значи дека локалната самоуправа не само што ги исполнува своите обврски, туку тоа го прави во партнерство со граѓаните на праведен, отворен и одговорен начин. Самиот концепт на добро владеење опфаќа широк опсег на политики и практики коишто водат до нови начини на владеење, притоа промовирајќи отворено управување и поттикнувајќи подобро донесување одлуки, намалување на корупцијата и обезбедување на поефикасни јавни услуги.
Во таа насока, Фондација Метаморфозис, Рурална Коалиција и Центар за социјални иновации Блинк 42-21, на 25 септември 2026 година ќе организираат тематски форум „Од отворена општина до активна заедница: Индексот на отвореност 2026 и граѓанското учество на локално ниво“. Форумот е овозможен со поддршка на Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас во рамките на проектот „Дигитална трансформација на локално ниво – Вклучена заедница за отпорност на корупција (ДИГИЛОК)“, спроведуван од Фондација за интернет и општество „Метаморфозис“ во партнерство со Рурална Коалиција и Центар за социјални иновации Блинк 42-21.









