„Денеска, на 21 септември, Светскиот ден на мирот, ја избравме токму Општина Карпош како пример за ширење на мир, толеранција и позитивни вредности кај младите“.

 Со овие зборови, претставник од „Цивилмедиа“ и професор во Гимназијата „Никола Карев“ која се наоѓа на територијата на Карпош, Елвира Мустафа придружувана од дваесеттина свои ученици, дојдоа во ненадејна посета на локалната самоуправа и поделија пораки за толеранција, љубов, разбирање меѓу луѓето и превенирање конфликти, посебно меѓу младата, училишна популација. Нив ги придружуваа и дваесеттина ученици од ООУ„Лазо Трповски“ од Карпош.

 Добронамерните гости ги пречека и ги прими претседателот на  Советот на Општина Карпош Андреј Манолев, кој ги задржа во краток разговор на кој си разменија заеднички визии за напорите кои ги прави Општината во насока на ширење на позитивни вредности кај младите и севкупно, за подобрување на нивното секојдневно живеење.

Во посета на локалната администрација и во одбележувањето на Светскиот ден на мирот дојдоа и членови на Митовниот клуб при Гимназијата „Никола Карев“, Кристијан Кулевски и Жарко Ванески кои порачаа, дека меѓудругото, целта им е токму денес да го искажат својот став контра булингот, психичкото и физичкото насилство меѓу младите, да ја разбудат свеста и кај родителите и кај учениците, а на жртвите на оваа појава да им укажат дека секогаш има некој кој стои зад нив, ги поддржува и дека ќе им бидат достапни во секое време.

 Инаку одбележувањето на настанот „Светски ден на мирот“ кое почна со посетата на Општина Карпош ќе вклучи и централен марш на млади ученици и активисти кои ќе појдат од  спомен обележјето на „Мајка Тереза“ на плоштад, вели професорката Мустафа.