Инклузијата да биде начин на размислување, а не само вредност во рамки на нашите проектни активности, беше еден од главните заклучоци на денешната завршна конференција „Споделување на добри инклузивни практики и презентација на Модел на инклузивна општина“, во организација на Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“.

На настанот, еден од говорниците беше и градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев. Локалната самоуправа во соработка со „Чекор по чекор“ и организацијата „Сината птица“ неодамна ја отвори и сензорната соба за ученици со попреченост во ООУ „Вера Циривири – Трена“, во Карпош 2.

Вакви простории за ученици со попреченост веќе има во „Јан Амос Коменски“, и „Димо Хаџи Димов“, а се работи на сензорни соби и во „Лазо Трповски“ и „Аврам Писевски“.

 

Богоев зборуваше и за другите активности кои ги презема општината во креирањето на инклузивно предучилишно и основно образование, но и во хуманизацијата на јавниот простор.

 

  • Добивме и инклузивно игралиште во Влае 2, до плоштадот „Делфина“, при што реквизитите се прилагодени и за децата со попреченост. Дополнително, до крајот на годината ќе обезбедиме и нови еко – играчки за децата во градинките, а во „Орце Николов“ и „Мајски цвет“ воведуваме нови методи, најмладите преку игра ќе учат за основните поими и ќе ги развиваат когнитивните вештини, рече Богоев.

 

Извршната директорка на фондацијата „Чекор по чекор“, Сузана Киранџиска истакна дека Карпош претставува пример во градењето на инклузивна заедница, која одговара на потребите на сите граѓани. Пред претставниците од повеќе општини, институции и граѓански организации Киранџиска посочи дека во нашата земја има позитивни примери кои треба да ги истакнуваме.

Деновиве сме сведоци дека малиот Јане, со својата упорност и енергија прати порака до целиот свет, од седишетото на Обединетите нации.

 

 

Градоначалникот Богоев истакна дека инклузивното игралиште и сензорните соби не се само корисни за неговите главни корисници, туку влијаат на промена во целото општество.

 

  • Започнавме да ги менуваме навиките. Преку еден позитивен пример, ги охрабруваме и другите, сите проекти, активности и политики да ги прилагодуваат за лицата со попреченост. Тоа е патот кој води кон рамноправно и среќно општество, заврши Богоев.

 

Општина Карпош во текот на следната недела ќе го промовира и новиот концепт на учење во предучилишното образование, заедно со едукативниот центар „Скампер“, а во подготовка е и одбележувањето на 3 декември, Меѓународен ден на лицата со попреченост.