Општина Карпош ќе биде првата локална самоуправа која ќе го ресетира Младинскиот совет според новиот Закон за младинско учество и младински политики. Карпош ги презеде и обврските за отворање на канцеларија за млади, обезбедување на младински службеник и одвојување на 0,1 % од локалниот буџет на годишно ниво, наменски средства за младите.

За овие, но и за други младински прашања, денеска, на иницијатива на градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев се одржа средба со претставници на институции, младински организации, политички подмладоци, заедници на средношколци и други организации кои работат со млади.

 

  • Целта на новиот закон е целосно да ги вклучи младите во процесот на одлучување, но и да се креира едно младинско тело кое ќе дава креативни идеи и ќе биде гласот на младите на локално ниво. Јас сум најмлад градоначалник во нашата држава и мило ми е што Карпош ќе биде првата општина, која ќе го ресетира Младинскиот совет по новиот Закон. Претходно сум бил дел и од Собранието и знам колку е важно да опстанеме на идејата да обезбедиме подобар живот за младите во сите области, рече Богоев.

 

Во отворената дискусија се вклучија и младите средношколци, претседатели на училишни заедници на: „Георги Димитров“, „Орце Николов“, „Никола Карев“ и „Здравко Цветковски“. Тие изразија желба да се вклучат во Младинскиот совет и се интересираа што поконкретно би работело ова тело.

Младинскиот совет може да иницира решавање на различни проблеми со кои се соочуваат младите на локално ниво. Можат да даваат иницијативи за изведба на спортски игралишта, вело – зони, да одржуваат едукативни работилници, но и да организираат „свирки“, меѓугенерациски дружби и сл.

 

Постапката во која беше донесен Законот за младинско учество и младински политики ја објасни пратеничката Ивана Туфегџиќ. Таа го поздрави проактивниот пристап на Општина Карпош за ваква средба и ги повика средношколците и младинските организации да ја искористат оваа шанс.а.

 

 

На јакнење на капацитетите на Младинскиот совет ќе работи и Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Јасмина Тодоровска – Митева истакна дека се подготвува Прирачник за работа на Младинскиот совет, кој ќе им биде од голема помош на општините и советите.

 

Исто така, за проектите и активностите за млади информираше и претставничката од Агенцијата за млади и спорт.

 

Во претстојниот период, Општина Карпош ќе направи и статутарни измени во делот на Младинскиот совет и ќе ја започне постапката за формирање на Иницијативен одбор за избор на Младинскиот совет.