Со Одлука на Советот на Општина Карпош, локалната самоуправа му додели плакета за постигнати  животни остварувања на Трајан Петровски (1939 – 2021), кој беше првиот нерезидентен амбасадор на независна Република Македонија, деташиран во Анкара (Турција) во јуни 1992 година. По тој повод, денеска во посета на Општината беа членовите на неговото најблиско семејство, а градоначалникот Стевчо Јакимовски, во оваа пригода им ја врачи плакетата од име на Општина Карпош.

 

Инаку Петровски, како истакнат дипломат над три децении работеше на етаблирање на органите за надворешни работи на Република Македонија и беше еден од незаменливите дипломати кои ја промовираа македонската култура во светот. Професионалниот дипломатски ангажман на Петровски, значително ја збогати и мултидимензионално ја постави неговата литературна вокација, а неговите романи, поезија есеи и патеписи ги проширија културните вредности на Македонија низ светот.

 

  • Благодарен сум што дипломат од рангот на Трајан Петровски беше жител на нашата општина. Јас како градоначалник имам посебна почит кон луѓето кои оставаат силен белег во општеството, бидејќи сиот труд и своите дела ги оставаат за наредните генерации кои треба да ги следат нивните позитивни примери – истакна првиот човек на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски.