По повод одбележување на 59 годишнината од катастрофалниот земјотрес кој го погоди главниот град на државава, денеска делегација од Општина Карпош предводена од градоначалникот Стевчо Јакимовски положи свежо цвеќе пред Споменикот на загинатите од скопскиот земјотрес на Градските гробишта во Бутел.

Во рамки на настанот, почит кон трагично настраданите од природната катастрофа оддаде владината и собраниската делегација, а пред Споменикот на загинатите се поклонија и претставници од локалните самоуправи, граѓански здруженија, како и претставници на дипломатско-конзуларните преставништва во земјава.

Во разорниот земјотрес кој го погоди Скопје утрото во 5:17 часот на 26.07.1963 година, животот го загубија 1.070 лица а околу 3.000 беа повредени. Под страшните урнатини се најдоа 15.800 станбени објекти, оштетени беа околу 28.000, а над 200.000 луѓе останаа без покрив над главата. Притоа, првата помош за скопјани дошла од војската и граѓаните на тогашните југословенски републики, додека пак неколку дена по земјотресот пристигнуваат помошта и спасувачките екипи од целиот свет. Покрај Организацијата на обединетите нации и Меѓународниот црвен крст, хуманоста ја демонстрираат и 87 нации од светот кои му помагаат на Скопје, повторно да се издигне од урнатините на земјотресот, поради што и денес го носи епитетот „град на светската солидарност“.