Во просториите на Кинотека на РСМ, денеска се одржа продолжението на втората седница на Советот на општина Карпош, во чии рамки, советниците расправаа по 40 точки од Дневниот ред, кои се однесуваат на предлог – одлуки од областа на комуналните работи, образованието, спортот, детската и социјалната заштита и сл.

Во таа насока, советниците ја поддржаа Одлуката со која се предвидува, локалната самоуправа од  Карпош да добие Грант (неповратни средства) во износ од 3.337.825 денари, за набавка на комунална механизација од типот на „комбиниран ровокопач – натоварувач“, преку проектот за подобрување на општински услуги (МСИП 2). Проценетата  вредност на возилото е 4.542.882 денари, со што  Општината ќе кофинансира 1.205.057 денари.

 Проектот е финансиран од Меѓународната банка за обнова и развој – Светска Банка, а неповратните средства за набавка на ова возило, општина Карпош ги добива благодарение на успешно реализирана кредитна линија, со кој се реконструирани четири улици во населбата Тафталиџе 1. Според известувањето на Министерството за финансии кое го достави до општина Карпош, возилото треба да помогне во решавање на комуналните проблеми (расчистување на потешко достапни депонии и сл.), во населените места  Бардовци, Злокуќани и Нерези,  кои се дефинирани како социјално најнеразвиени подрачја на територија на локалната самоуправа.

 

Покрај оваа одлука, советниците од Карпош дадоа „зелено светло“ и за предлогот за реализација на проектот „Реконструкција на дел од ул. Варшавска“  во должина од 720 метри, во вредност од 6.353.002 денари. Во овој случај, Општината поднесе барање до Светска банка за доискористување на средствата од проектот МСИП 2, во форма на кредит со грејс период од три години, со рок на исплата од 10 години, во вредност од 4.284.632 денари. Во оваа ситуација,  општина Карпош ќе ги кофинансира останатите 2.068.370 денари, како дел од Програмата на Секторот за уредување на градежно земјиште и комунални работи за 2022 година.

 

Советниците го дадоа својот глас и за изменување и дополнување на Програмата за активностите на општина Карпош во областа на детската, социјалната и здравствената заштита за 2021 година. Станува збор за пренамена на претходно неискористени средства (360.000 денари), за набавка на филтри за прочистување на вода за пиење во детските градинки.

Со истата динамика, советниците го поддржаа и предлогот за набавка на дидактички материјали и играчки за потребите на децата од претшколските установи во Карпош. Во пресрет на новогодишните празници, оваа акција традиционално ја реализира Одделението за детска, социјална и здравствена заштита при општина Карпош.

Поддржана беше и Одлуката за одобрување на еднократна парична помош од 3.000 денари, која општина Карпош традиционално им ја доделува на лицата од ранливите категории, по повод 3. декември – Денот на лицата со попреченост.

 

Советот го одобри и предлогот за потпишување на договор за соработка, со кој ќе се реализира проектот „Инклузија на деца Роми во јавните општински установи – детски градинки“ за календарската 2021 година. Имено, градоначалникот Јакимовски и  претставници од Министерството за труд и социјална политика ќе потпишат договор за соработка со кој ќе се спроведе горенаведениот проект, кој инаку се реализира повеќе од 15 години во градинката „Пролет“ во населбата Влае. Целта на проектот е вклучување (инклузија) на дечиња од ромска националност во воспитно – образовниот процес, надминување на стереотипите и предрасудите, како и подобрување на раниот детски развој. Со проектот се опфатени деца на возраст од три до шест години, кои се жители на населбата Злокуќани.

 

Со  согласност на Советот на општина Карпош, ООУ „Димо Хаџи Димов“ ќе ја прифати донацијата од Фондот за иновации и технолошки развој во износ од 187.000 денари, кои ќе бидат искористени за доделување на награди за истражувачкиот проект „Со компостирање до помалку отпад“, во рамки на реализација на проектот „Предизвикот за млади истражувачи 3“. Станува збор за низа активности кои ги преземаат основците од „Димо Хаџи Димов“, во насока да покажат дека  примарното селектирање на отпадот е од исклучителна важност, а одвојувањето на органски од неоргански отпад е првиот чекор кон тоа.

 

Советниците од Карпош поништија и повеќе одлуки за одобрување и исплата на финансиски средства за поддршка на проекти од областа на образованието, животната средина, како и парична поддршка на спортски субјекти. Одлуките беа поништени од причина што досега, финансиските средства за оваа намена не биле воопшто искористени, или пак биле делумно искористени.

 

Со мнозинство гласови, советниците од Карпош ја усвоија предлог – одлуката со која што се задолжува Општината, во рок од 15 дена да ги објави сите информации на својата интернет страна, согласно Член 10 од Законот за слободен пристап на информации од јавен карактер.

Советот ја поддржа и предлог – одлуката со која се задолжуваат  општинските служби да изработат спецификација на технички можности, со цел, следење и објавување на седниците и комисиите на Советот во „живо“, со рок до првата наредна седница. Логично на тоа, советниците ја изгласаа и одлуката за забрана на неовластено снимање на седниците на Советот на општина Карпош, до усвојување на одлуката за пренос на седниците во „живо“.