Денескасо потпишување на посебен Протокол се формализираше соработката меѓу Општина Карпош и Германската агенција за меѓународен развој  (GIZ),  која резултираше со проектите: поставувањето на првото „Соларно дрво“ и доделувањето на шест електрични тротинети. Соработката ја официјализираа градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев и директорот на Регионалната канцеларија на Германско друштво за меѓународен развој  (GIZ), Давид Оберхубер.

 

Соларното дрво кое овозможува граѓаните да ги полнат своите електрични тротинети и велосипеди, мобилни и лаптопи, е поставено во рамки на т.н. Зелена рута, која во себе вклучува и дополнителни два километри велосипедска патека и патека за ролерки.

Богоев напомена дека навиките на граѓаните, полека но сигурно се менуваат кон поддршка на ваквата мобилност и кон создавање на здрава животна средина, а Кејот на Вардар, за кратко ќе стане еден од најатрактивните делови на нашето Скопје.

 

 При посетата на училиштата, на првиот училишен ден, видов дека голем број на ученици доаѓаат до училиште со своите електрични тротинети/велосипеди, и  тоа ме радува.

Со изведбата на Спортско – Адреналинскиот парк трајно ќе се разубави зелениот појас покрај Вардар со содржини за спорт и рекреација на сите граѓани, со што ќе се спречи овој простор да пропаѓа и да прераснува во депонија, рече Богоев.

 

Оберхубер ја истакна својата заложба за продолжување на соработката со Општина Карпош и преку други проекти, со цел и натаму да се креираат нови, иновативни решенија за одржлива урбана мобилност. Токму затоа,. потребна е поголема промоција на овие позитивни примери, за да се привлече вниманието од сите чинители, да преземаат активности за заштита на животната средина.

По работната средба, Богоев и Оберхубер, придружувани од своите соработници, со електрични тротинети и велосипеди, се упатија на завршната конференција на ЗЕЛС„Поддршка на локалните самоуправи на Северна Македонија во промоција на одржлива урбана мобилност“.

 

На конференцијата беше поздравена активноста на Карпош на полето на урбаната мобилност, поставувањето на соларното дрво и подготовката на Планот за активности за  одржлива урбана мобилност којшто беше презентиран пред учесниците на денешната конференција во ЗЕЛС.

 

Градоначалникот на Карпош, присутните градоначалници и нивни претставници од  другите општини потпишаа и меморандум за поддршка на процесот за одржлива урбана мобилност.