Градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, оствари работна средба со градоначлникот на Општина Витина, Република Косово, Сокол Халити. Во фокус на средбата беа можностите за воспоставување и унапредување на меѓуопштинската соработка, како и заедничко аплицирање на јавни повици за проекти од областа на прекуграничната соработка. Општина Карпош, согласно својата географска положба, има можност да користи средства од фондовите на Европската Унија наменети за прекугранична соработка со Косово. Во таа насока, особено значајни се можностите за подготовка и реализација на заеднички проекти во областите на заштитата на животната средина и развојот на туризмот, со што би се придонело кон создавање дополнителни придобивки за граѓаните и локалните заедници.

На работната средба присуствуваа и претставници од релевантните сектори и области од двете општини. Беа разменети искуства и информации во однос на организациската структура и надлежностите на локалните самоуправи, областите на нивното функционирање, како и можните теми и приоритети за идна заедничка соработка.

Средбата претставува иницијатива за воспоставување конкретни форми на партнерство меѓу Општина Карпош и Општина Витина, со цел заеднички настап пред европските фондови и искористување на расположливите можности за развој на локалните заедници.

Општина Карпош останува посветена на воспоставување нови партнерства и искористување на европските фондови за реализација на проекти кои носат долгорочни придобивки за граѓаните и придонесуваат кон одржлив локален развој.