Во знак на одбележување на „Денот на дрвото“, денеска, карпошани ја “зазеленија“  својата Општина. Во соработка со ЈП „Паркови и зеленило“ и локалната самоуправа, оваа година најзелената Општина ќе биде пошумена со околу 5.000 нови дрвја.

Околу 600 дрвја, денеска во рамки на еко-акцијата, беа засадени на неколку локации на територија на Карпош и тоа: Влае 1 и 2, Карпош 1 и 4.  Општина Карпош донираше садници и во дворот на приватното училиште „Јахја Кемал“, како и во дворот на поликлиниката „Букурешт“. Градоначалникот Стевчо Јакимовски, во рамките на акцијата „Ден на дрвото-Засадија својата иднина“, засади неколку садници во паркот „Македонија“ во населбата Тафталиџе 1.

-Садиме неколку илјади дрвја во Општина Карпош за водухот да биде почист, за летно време да имаме повеќе сенка и Карпош да биде позелен од тоа што е. Со садењето на целата територија на Македонија се подига свеста за екологијата како и за почиста околина. Во Општина Карпош веќе има засадено околу 1.500 дрвја и сега околу 3.500 нови дрвја. Тоа значи дека Карпош оваа година ќе биде пошумен и збогатен со зеленило со уште  5.000 дрвја – рече Јакимовски.

Од денеска па се до 30-ти декември, Општина Карпош ќе продолжи да сади и да ги оплеменува зелените површини со нови и млади садници. Во месецот на дрвото,  предвидени се да се засадат дрвја од видот на чемпрес, јасен, туја, јавор и каталпа.