Вклученоста на младите во креирање на Буџетот, инфраструктурата за млади, локалниот младински совет и локалната стратегија за млади беа теми за истражување во Карпош, спроведено од младинската организација „Младински сојуз“, во рамки на проектот „Youth Friendly City“, поддржан од Амбасадата на САД во Скопје.

Во дворот на Кинотека денеска се одржа презентација на истражувањето, каде што присуствуваше градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев и претставници на младински организации.

Истакната е потребата од системско вклучување на младите во сите процеси. Тоа го овозможува новиот Закон за младинско учество и младински политики, но потребно е уште повеќе да се работи на сите образовни нивоа.

  • Како локална самоуправа во постапка сме на ресетирање на младинскиот совет. Во делот на инфраструктура за млади, овозможуваме многу повеќе јавен простор за спорт и рекреација на младите луѓе. Спортско – адреналинскиот парк на Кејот, како и спортско – рекреативната зона во „Лазо Трповски“ се места кои ќе овозможат поголема социјализација на младите, рече Богоев.

Посочена е потребата и од поголема техничка поддршка за младите во склоп на општинската администрација. Така, по новиот Закон потребно е да се назначи службеник за млади, како и да се отвораат младински центри или клубови.

Сите јавни простори кои ги уредува Општина Карпош се наменети и за младите луѓе. Локалната самоуправа ќе продолжи со интензивната двонасочна комуникација со младите, со секојдневно слушање на нивните потреби и проблеми.

Од сите учесници беше истакната важноста од подигнување на квалитетот на дебата. Општината е најблиску до комуналните проблеми, но апсолутно дека ќе поддржи и идеи, иницијативи на млади и во други области од локалното живеење.