На сите неиздржани обвинувања од било која страна општинската администрација и нејзиниот прв човек одговараат со континуиран ангажман со кој ги решаваат проблемите на граѓаните на Општина Карпош. Ова беше дел од одговорот кој градоначалникот Стевчо Јакимовски го даде одговарајќи  на  новинарско прашање  поставено од телевизија Телма, при што рече:

 

–          Доказ за тоа се преку педесет нови енергетско- ефикасни фасади кои општина Карпош од својот буџет ги направи на згради кои се наоѓаат на територијата на самата локална самоуправа. Општина Карпош е прва локална самоуправа која почна да издвојува средства со кои се заменуваат азбестни покриви на индивидуални и колективни станбени објекти, и за ремонт или реконструција на стари и дотраени лифтови. Преку 85 % од преземените обврски кои сме им ги дале како ветување на граѓаните, веќе се целосно завршени. Постојано засадуваме нови дрвја, садници и цвеќиња, односно хортикултурно ја уредуваме општината. Со наши буџетски средства вработуваме хигиеничари, кои ја чистат Општината, а сето тоа претставува обврска на Јавните Претпријатија „ Паркови и зеленило“ , како и на ЈП „ Комунална Хигиена“. Локалната самоуправа, целосно ги реконструираше сите основни училишта и детски градинки, категорично појасни градоначалникот Јакимовски.

 

Првиот човек на Општината, на новинарското прашање за наводно пресилната урбанистичка експанзија во населбата Тафталиџе, одговори дека локалната самоуправа, во населбата Тафталиџе ги реконструираше сите улици кои се под нејзина надлежност, изгради детски паркови со соодветни реквизити, го  реновираше и основното училиште „ Јан Амос Коменски“.

 

–          Конкретно, за обвинувањето од одредени поединци, првиот човек на локалната самоуправа рече, дека според законот, никој не смее да гради на зелена површина и да се уништува зеленилото. Што се однесува дореализацијата на ДУП-овите, треба да се знае дека промената на Деталните урбанистички планови во населбата Тафталиџе, се направени пред 7, 10, 12  па и повеќе години, во време и кога јас не сум бил градоначалник. Со Законот за денационализација, многу граѓани добиле право на користење на нивното земјиште, кое претходно, многу одамна, со законите за национализација и експропријација присилно или без надомест им било одземено после Втората светска војна. Денеска тие, луѓе како сопственици со валидни имотни листови, повторно назад си ги враќаат своите одземени имоти од страна на тогашните власти. Ние, како локална самоуправа, мораме да ги почитуваме позитивните законски норми и прописи кои владеат во Република Македонија, да се водиме по нив  и да водиме грижа за сите граѓани на Карпош подеднакво.

 

Градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски нагласи дека голем дел од целата Општина Карпош, и особено населбата Тафталиџе, пред урбанизацијата на градот Скопје, биле ниви или бавчи, додека жителите биле бавчанџии, дејност од која и се прехранувале. Оттука, со Законот за денационализација многу граѓани, си ги  добија назад имотите кои претходно им биле оттуѓени во време на поранешната заедничка држава СФР Југославија и сега на тие имоти нивните законски наследници ( обично ги има повеќемина) си ги решаваат своите станбени прашања.