Општинската администрација на Карпош спроведе хуманитарна активност за собирање на облека за социјално – загрозените лица и домаќинства кои живеат на наша територија. Имено, изминативе десет дена вработените имаа можност да носат облека која повеќе не ја користат, но е во добра состојба.

Денеска, градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев ја додели и својата донација на облека. Сите пакети со облека ќе бидат споделени со Црвениот крст, кој во понатамошна фаза ќе обезбеди дистрибуција на истите.

Основната цел е да се овозможи топла облека и подобри услови за поминување на зимскиот период, за бездомниците и граѓаните во социјален ризик.

Локалната самоуправа неодамна организираше и крводарителска акција, каде што 35 службеници донираа крв. Исто така, во рамки на деновите на Општина Карпош беа споделени 80 пакети (со прехранбени продукти и средства за хигиена) со социјално – загрозените домаќинства, а се помогна и на геронтолошкиот завод „13 Ноември“ и СОС „Детско село“.

Живееме во период на пандемија, кога институциите мораат уште повеќе да се грижат за најранливите, но и секој од нас да покаже одговорност и хуманост кон заедницата.

Општина Карпош продолжува со секојдневните активности и политики за унапредување на социјалната, детската и здравствена заштита.