Во рамки на редовната пролетна акција која традиционално ја организира Секторот за екологија и енергетска ефикасност при Општина Карпош, деновиве ќе бидат засадени 120 нови висококвалитетни дрвја на повеќе локации низ локалната самоуправа. Инаку, Општината од својот буџет обезбеди финансиски средства во вкупен износ од 1.400.000 денари со кои ќе бидат набавени листопадни и зимзелени садници, кои пак ќе бидат насадени во две етапи – за време на пролетната и есенската еколошка акција.

 

За пролетното садење, Општина Карпош одвои средства во висина од 400.000 денари со кои набави 120 висококвалитетни садници, поточно 10 парчиња црвен јавор, 20 дрвја од видот каталпа, 24 обични јавори, 32 дрвја од видот фотинија, потоа, 10 парчиња од видот туја смарагд и 24 дрвја од видот црвена слива. Општинските служби ги засадуваат новите дрвја на повеќе локации во населените места, Тафталиџе 1, Карпош 1,2,3 и 4, во населбата Нерези, како и во урбаната заедница „Владо Тасевски“.

 

Кон пролетната акција, денеска се приклучија и претставници од Советот на Општина Карпош, како и градоначалникот Стевчо Јакимовски, кој во оваа пригода ја истакна важноста на оваа еколошката иницијатива.

 

  • Општина Карпош продолжува со подобрување на еколошката состојба. Покрај тоа што го одржуваме постојното зеленило, исто така го зголемуваме и фондот на дрвја на наша територија. Во исто време ги повикувам сите граѓани на Карпош да се потрудат заеднички да ги одржуваме овие садници. Поточно, во моменти кога евентуално ние нема да можеме да ги наводнуваме дрвјата, тоа да го сторат нашите сожители. Бидејќи на овој начин можеме сите поефикасно да придонесеме кон одржување на здравата животна средина – истакна Јакимовски.