Во пресрет на 40 годишниот јубилеј од постоењето на Општина Карпош, локалната самоуправа подготвува  посебно издание на Карпошовото културно лето 2016. Квалитетно селектирани учесници, сценско-уметнички изведувачи, ќе ги полнат „белите дробови“ со летната доза на култура, со која летоска ќе дише нашиот Карпош.

Втората половина од месец август, традиционално веќе девет години по ред, претставува термин резервиран за карпошовите културни збиднувања. Оваа година, сцената ќе ја разведри енергичната Елена Ристеска, а луѓето кои ја почитуваат уметноста ќе имаат можност да присуствуваат на изложбата на скулптури проследена со звуци од класичната музика на концертното трио Џентлмен.

Креативен театарски перформанс, ќе одржат беспрекорните стендап комичари Маријан Георгиевски и Никола Тодоровски. За љубителите на пишаната реч и на слободниот уметнички израз, следува промоција на книга и изложба на уметнички дела.

За да опфатиме поширок дијапазон на публика која ќе биде културно инволвирана, организиравме и детска програма во чии рамки ќе се одржи театарска претстава со дополнителна музичка програма.

Летните августовски ноќи ќе бидат исполнети и со рафинираните звуци на реномираниот џезер Тони Китановски, мелодичниот звук од електричните гитари на рокерите Темпера, македонската изворна музика со Андријана Јаневска како составен дел од МИТАН ПРОЕКТ, незаборавните евергрини со Харе и Гиш, како и настапот на хоровите „Кочо Рацин“ и „Борец“. Вистинска музичка сензација најавуваат техно рокерите Аутмајнд.

Во духот на негување на традицијата, ќе се одржи фолклорна вечер со изведба на фестивалот на народни игри и ора на КУД „Мирче Ацев“.

Афирмираниот поп-музичар Џина Папас Џокси ќе настапи со авторска вечер, а рокерот Влатко Илиевски и оваа година ќе одржи самостоен концерт. Од аспект на визуелната уметност, подготвуваме изложба на фотографии, како најава за музичкиот концерт на „Силви бенд“.

Kон крајот на културното лето, на плоштадот „Делфина“ ќе  гостува  босанскиот великан на поп-музиката, Хари Мата Хари. Во рамки на овогодинешната културна манифестација ќе се одржи и диџеј маратонот, во чест на ДЈ Бабура.

За луѓето кои трагаат по слободниот уметнички израз, оваа манифестација вистински ќе ги задоволи нивните артистички страсти. Ќе го анимираме културниот живот на постарите генерации, а кај помладите ќе го „разбудиме жарот за културата и естетиката, со што ќе ги поттикнеме да размислуваат креативно и да ги артикулираат своите емоции низ филтерот на уметноста.  Сублимирано и ова лето, Карпош ќе биде македонскиот топоним на културата.

 

Овогодинешното издание на Карпошовото културно лето освен културно-забавната димензија, ќе има и хуманитарен карактер. На локациите каде што ќе се одржат културните настани, Општина Карпош ќе постави хуманитарни штандови на кои ќе се собираат донации за семејствата кои настрадаа во неодамнешните поплави.