Оваа учебна година, основното училиште „Војдан Чернодрински” доби нови игралишта за фудбал и кошарка на отворено. Овие терени претставуваа вистинска потреба за овој дел од Карпош и ќе бидат корисни за учениците, но и за сите граѓани од околината кои ќе можат да спортуваат во попладневните часови. Токму на овие игралишта, денеска се отворија и традиционалните Училишни спортски лиги, кои за основците ги организира Општина Карпош. Следствено, од денеска започнува системот на натпревари меѓу десетте основни училишта во четирите спортовифудбал, кошарка, одбојка и ракомет.

 На денешниот настан присуствуваше и градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев кој говореше за подобрувањето на спортската инфраструктура во Карпош и значењето на овие Училишни спортски лиги:

–    Во текот на летниот период се направија и нови терени за баскет и фудбал во „Јан Амос Коменски”, а се реконструираше и спортската сала. Со обновата на игралиштата продолживме и во „Петар Поп Арсов”, а реконструирани терени имаме и во Бардовци и Жданец. Целта е да се  подобрат условите во кои спортуваат најмладите, основците, но и да овозможиме дополнителни услови за рекреација на сите граѓани, рече Богоев.

 Преку Училишните спортски лиги се мапира талентот кај учениците уште од најрана возраст, што претставува еден од главните предуслови, тие понатаму професионално да се занимаваат со спорт. Оваа седмица започнува и Европската недела на спортот, при што во Карпош се организираат повеќе спортски настани на различни локации.Богоев напомена дека со членството на Македонија во ЕУ и НАТО се отвораат нови можности за младите преку младинските програми на ЕУ, за јакнење на капацитетите во областа на спортот и размената на вештини и знаења со европските врсници.

Општина Карпош како покровител и организатор на Училишните спортски лиги ги повикува младите да бидат активни, да спортуваат, но и да ги почитуваат правилата за фер плеј, да навиваат без дискриминација кон противникот.