Во организација на Општина Карпош, во партнерство и со финансиска поддршка на Швајцарската влада (преку Швајцарската агенција за развој и соработка – SDC), Министерството за локална самоуправа на РСМ и Програмата за развој на Обединетите Нации – УНДП, вчеравечер во ООУ „Лазо Трповски“ се одржа првата форумска сесија од „Проектниот Форум во заедницата“. Станува збор за заедничка иницијатива која треба на транспарентен и инклузивен начин да го зајакне граѓанското учество во процесот на одлучување на локално ниво, при што би се подобрил партнерскиот однос помеѓу локалните субјекти, во поглед на изнаоѓање на поефикасни решенија за проблемите, кои пак се во интерес на целата заедница.

 

Имено, во рамки на проектот „Форуми во заедницата“ жителите на општина Карпош даваа предлози кои треба да бидат имплементирани во вид на проекти, за кои самите ќе одлучат кои се приоритетите за развој на нивната локална самоуправа и кои активности може да се спроведат во таа насока. На вчерашната средба, мнозинството присутни граѓани ја избраа темата „образование, спорт и млади“ на која ќе даваат конкретни предлози, за кои ќе се расправа и одлучува на наредните форумски сесии. Проектите ќе се финансираат преку планиран буџет од 50.000 долари од кои 20% ќе ги обезбеди Општина Карпош.  Со овие средства треба да се реализираат најмалку еден, но најмногу три приоритетни проекти.

 

Притоа, целиот форумскиот процес ќе се одвива во текот на оваа година низ циклус од пет сесии и истиот ќе се спроведе по следниов распоред:

 

I – форумска сесија (среда – 01.03.2023)

II – форумска сесија (среда – 15.03.2023)

III – форумска сесија (среда – 05.04.2023)

IV- форумска сесија (среда – 19.04.2023)

V – форумска сесија (среда – декември 2023).

 

Процесот е отворен за сите жители на општина Карпош во кој тие ќе одлучуваат за изборот на темата, проектните идеи, како и предлог проектите кои во секој случај ќе бидат земени в предвид и во понатамошните општински активности. Инаку „Проектниот Форум во заедницата“ е компонента на проектот „Зајакнување на општинските совети“, кој директно ги инволвира граѓаните на Карпош и на тој начин ги мотивира да учествуваат при носење на заеднички одлуки во соработка со локалната самоуправа.