Со богата детско забавна програма, започна 14-тата традиционална манифестација „Ем умеам ем можам“. Во организација на Општина Карпош, поставени се 40 брендирани тезги на кои се претставени производите на познати македонски брендови од малите и средните бизниси на територија на Карпош.

Оваа година, како и секоја претходна, манифестацијата освен што е од деловен карактер истата, има и богата музичо-културна програма. Помошник раководителот на  Секторот за локален економски развој при локалната самоуправа и дел од организациониот тим на овој голем настан, Александра Теова, образложи што поточно ќе се случува во текот на овој ден.

-Веќе по 14-ти пат со поддршка на локалната самоуправа, ќе се постават 40 штандови, на кои ќе бидат изложени производите на 15 домашни занаетчии, како и артиклите на 25 реномирани македонски производители.

Што се однесува до културниот блок, во тек е  детската програма со многу музика и танци, во изведба на дечињата од градинките и основните училишта од Општина Карпош – рече Теова која ги повика сите жители на Карпош и Градот Скопје да присуствуваат и да бидат дел од вечерашната програма на „Ем умеам ем можам“.

                Забавата за повозрасните, започнува во 18.30 часот со концерт на популарната македонска поп- група „Нокаут”, кои ќе бидат одлична најава за мегаконцертот на хрватската поп ѕвезда, Данијела Мартиновиќ кој ќе започне во 20.30 часот. Меѓу двата концерта, во 20:15 часот, манифестацијата ќе ја поздрави претседателот на Советот на Општина Карпош, Сашо Лазаровски.