Општина Карпош во соработка со општинскиот Црвен крст и Институтот за трансфузиона медицина на Македонија, ја организираше традиционалната крводарителска акција која се одржа во рамки на спортската сала на ООУ „Лазо Трповски“ во населбата Карпош 3. Во насока на заштита на јавното здравје, денешната акција се реализираше со строго почитување на ковид протоколите.

 

                За да постигне поголем одѕив, локалната самоуправа минатата недела преку социјалните мрежи и општинската веб страница ја информираше јавноста за денешната крводарителска акција. Оттаму, својата хуманост на дело ја покажаа граѓаните на Карпош, вработените во општинската администрација и урбаните заедници, како и вработените во основните училишта и градинките на територија на општината.

 

Крводарителската акција започна во 9 часот наутро, а ќе трае до 17 часот попладне. До 13 часот беа донирани околу 50 единици крв, а организаторот се надева дека до крајот на акцијата, бројката ќе се зголеми двојно. По тој повод, градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски во својот кабинет денеска оствари работна средба со организациониот директор на Институтот за трансфузиона медицина на Македонија, Венко Стомнароски и со раководителот на одделот за крводарување, Горан Андонов.